Министерството за финансии во име на Република Македонија на 20-ти јануари 2004 година започнува со континуирано издавање на краткорочни државни хартии од вредност, односно државни записи. Државните записи се безризичен финансиски инструмент чија исплата ја гарантира државата.
Агент на државата во врска со емисијата на државните записи е Народната банка на Република Македонија.
Номиналната вредност на еден државен запис е 10.000,00 ден . Рокот на доспевање на државните записи е три месеци . Државните записи се издаваат и се исплатуваат по номинална вредност, а се уплатуваат по дисконтирана вредност. Купувачи на државни записи можат да бидат сите домашни и странски физички и правни лица.
Државните записи ќе се продаваат по пат на аукција, на која директни учесници се банките во Република Македонија. Останатите заинтересирани лица остваруваат индиректно учество на аукцијата по пат на доставување на понуди преку банките во Република Македонија, на пропишани обрасци.
Каматната стапка на државните записи ќе се одредува пазарно, во зависност од понудата и побарувачката. На почетокот, пред издавањето на државните записи, Република Македонија објавува шест месечен Календар на аукции . Во Календарот се утврдени датумите на одржување на секоја аукција, а износот за секоја аукција се објавува 4 работни дена пред денот на одржување на аукцијата во Проспект за аукција на државни записи. Календарот и Проспектот ќе бидат објавени на web страницата на Министерството за финансии.
Со издавањето на државни записи ќе се овозможи: поефикасно управување со ликвидноста на Буџетот, поттикнување на подинамичен развој на финансиските пазари во Република Македонија, подобрување на структурата на долгот на државата, воведување на нови финансиски инструменти на пазарот, стимулирање на штедењето и др.
За подетални информации, контактирајте со Службата за финансиска политика на Банката (02) 3105 672, 3105 694, 3105 614, или на web страница на Министерството за финансии . |